Вечерва ќе се одиграат 8 натпревари од 4.коло во групната фаза на Лигата на шампионите. Овие екипи имаа дуели минатата недела, а сега истите ќе се сретнат во сменети улоги на домаќини. Оттука, секој погрешен чекор може да биде фатален за екипите со амбиции да продолжат кон директните елиминации, а тоа ги прави натпреварите уште поинтересни.
Најголем интерес предизвикува пресметката помеѓу Милан и Челзи на „Сан Сиро“. Лондончани обезбедија убедлива победа од 3:0 на домашен терен и секој понатамошен успех ќе им го трасира патот до осминафиналето. Милан има многу кадровски проблеми, но тоа не го спречи тимот да го добие дербито со Јувентус викендов. Против Челзи, Милан ќе се потпира на поддршката од своите навивачи, кои долго време копнеат нивните миленици да ја вратат европската слава на клубот.
Во другата средба од групата „Е“ Динамо (Загреб) ќе се сретне со РБ Салцбург. Сините дадоа сериозен отпор при гостувањето во Австрија, но загубија со 0:1. Тие се на дното на табелата со 3 бода, но ако победат вечерва, можат да сонуваат за пласман во нокаут фазата. РБ Салцбург, исто така, ќе брка победа за да остане пред фаворитите Челзи и Милан на табелата.
Во групата „Ф“, Реал Мадрид има полн ефект од 9 бодови и гостувањето кај Шахтјор (Доњецк) конечно може да му гарантира пласманот на европскиот клупски шампион во осминафиналето. Натпреварот доаѓа во пресрет на првото сезонско издание на „Ел Класико“ и Карло Анчелоти сигурно ќе одржува фит дел од стартерите. Шахтјор е втор во поредокот и има амбиции да оди напред, а тоа оди преку позитивен резултат против Реал Мадрид. Украинците двапати го победија шпанскиот гигант во Лигата на шампионите, но имаат и пет порази.
По двата порази на стартот, РБ Лајпциг го победи Селтик со 3:1 и сега ќе се обиде да го повтори успехот против оваа екипа на гостински терен. Нема да биде лесен натпревар во Глазгов, но во оваа фаза Селтик не покажуваат дека се способни да ја минат групната фаза.
Манчестер Сити оствари три победи во низа во групата Г и ќе цели кон четвртата на гостувањето кај ФК Копенхаген. Данците не пружија отпор на „Етихад“ и допрва треба да постигнат гол во групната фаза. Се очекува Пеп Гвардиола да направи сериозни промени во својот тим за да одмори некои од клучните фигури пред дербито со Ливерпул.
Севиља е во криза и тренерската смена беше природна. Во Лигата на шампионите, Андалузијците имаат само 1 бод, а денеска имаат тешко гостување кај Борусија (Дортмунд). Секој друг резултат освен победа ќе значи крај на шансите на тимот да се пласира во осминафиналето. Борусија покажа карактер да ја надокнади негативата од два гола против Баерн Минхен и има оружје да ги казни многуте дефанзивни слабости на Севиља.
Во групата Х на врвот се одлепија Пари Сен Жермен и Бенфика, а денеска ќе се сретнат на „Паркот на принцовите“. Португалскиот гигант се уште е непоразен оваа сезона и ќе сака да ја продолжи оваа серија. ПСЖ викендов разочара со ремито против Ремс, но тешко дека ќе изгледаат толку безопасни во нападот втор натпревар по ред.
Јувентус е во тешка ситуација, но сепак може да ги сврти работите во своја полза. За таа цел, „бјанконерите“ мора да победат по секоја цена на гостувањето кај Макаби (Хаифа). Избраниците на Масимилијано Алегри се во депресивно расположение по поразот од Милан, а во Израел го чека противник кој се уште нема бод, но изгледа опасно, особено на свој терен.