Со денешните 12 меча од првото квалификациско коло стартува Челинџер 75 турнирот Macedonian Open2023 што од денеска до сабота (27.мај) ќе се игра на терените на ТК Југ во Градскиот парк во Скопје. На главниот турнир од македонските тенисери ќе игра и нашиот најдобро рангиран играч Калин Ивановски, кој со „вајлд карта“ ќе биде дел од турнирот, каде во првото коло ќе игра против Хрватот Дино Призмиќ (17год., 330 место АТП).
Во квалификациите стартуваа четири македонски тенисери. Обрад Марковски со победа ги почна квалификациите, откако во мечот од првото коло го совлада Евгениј Карловски од Русија со 2-0 во сетови (6:2 и 6:1 во гемови). Утре во финалето од квалификациите за влез на главниот турнир ќе игра против Карол Дрзвиецки од Полска, кој го елиминираше македонскиот тенисер Бесир Дургути со 2-0 во сетови (6:2 и 6:1) за 55 минути.
Покрај Дургути турнирот во квалификациите веќе го заврши и Берг Бугариќ. Тој загуби од Унгарецот Мате Валкуж со 2-0 во сетови (6:4 и 6:1) за 1 час и 20 минути. Од македонските тенисери во првото коло во квалификациите ќе настапи и Горазд Србљак, кој за противник го има Дује Ајкуковиќ од Хрватска.