Столе Димитриевски синоќа сосема заслужено беше прогласен за Играч на натпреварот меѓу Реал и неговиот Рајо Ваљекано, откако не дозволи да прими гол 90 минути на „Бернабеу“ и ја прекина црната низа од порази на овој стадион кој Рајо ја имаше во последните 23 години.
Димитриевски стана прв голман оваа сезона кој не примил гол на меч против Реал Мадрид, без разлика за кое натпреварување станува збор. Шпанскиот вицешампион пред синоќешниот дуел одигра 14 натпревари и на секој од нив, барем еднаш ја тресеше противничката мрежа. Димитриевски успеа да ја сочува мрежата и стана само втор голман во историјата на Рајо Ваљекано кој не примил гол од Реал на „Бернабеу“, по Хулен Лопетеги, кому тоа му успеа во март 2000 година.