Судбината на фудбалскиот клуб Вардар и понатаму е отворено прашање на кое сите навивачи на овој клуб очекуваат одговор.
Многу фактори влијаат за тоа дали клубот ќе може да биде купен од заинтересираните странски инвеститори, еден од важните фактори е тоа дали Вардар ќе може да добие лиценца за настап во УЕФА доколку бидат подмирени сите долгови на клубот кон играчите и вработените во клубот и доверителите. Роковите за добивање на лиценца се пробиени, а Вардар со жалба до лиценцната комисија при ФФМ се обидува да дојде до потребната лиценца.
Од страна на инвеситорите се прават сите напори да се добијат чисти документи за да може да се направи примопредавањето на клубот од стариот сопственик на новите сопственици кои планираат сериозни инвестиции во тимот. Според информациите кои ги добивме до крајот на оваа недела во Скопје треба повторно да допатуваат преставници на странскиот конзорциум на дополнителни преговори на кои треба да се договорат сите отворени работи околу купувањето на клубот.
Договорот со кој Вардар беше купен од Град Скопје вели дека сегашното раководство треба да го врати клубот со чисти сметки, но тоа во моментот е многу тешко и затоа се прават напори за подмирување на долгот од стана на новиот сопственик.