Фудбалскиот судија со најдолг стаж во Премиер лигата Мајк Дин синоќа влезе во историјата откако го покажа својот црвен картон Број 100, а тоа се случи со исклучувањето на Ешли Јанг од Манчестер Јунајтед по вториот жолт картон при поразот на неговиот тим од Ватфорд со 1:2.
Статистиката покажува дека „Црвените ѓаволи“ не се најпогодени од строгоста на Мајк Дин, кој за време на кариерата често беше критикуван за глупости кои ги прави на теренот.
Излегува дека, сепак, најчесто овој судија ги исклучувал фудбалерите од Челзи и Манчестер Сити – по 9 пати. Од Њукасл биле исклучени 7, а од Арсенал – 6, додека Стоук, Тотенхем и Вест Бромвич по 5 црвени картони доделени од Дин.
Само шестмина играчи сепак, биле исклучени од него повеќе од еднаш – Ендрју Кол, Ричард Дан, Фернандо Торес, Мајк Вилијамсон, Лорен Кошелни и од синоќа – Ешли Јанг.
Судијата, кој има 477 натпревари од Премиер Лигата, е далеку пред Вил Дауд кој има покажано 67 црвени картони, Мајк Рајли – 66, Греам Пол – 63 и Мартин Еткинсон – 58. Мајк Дин дебитираше како судија во Премиер лигата во септември 2000 година, а првиот кој доби црвен картон од него беше Нолберто Солано од Њукасл, на 14 април 2001 кој беше исклучен поради игра со рака.