Федералниот суд на Австралија донесе одлука Новак Ѓовковиќ да биде ослободен, откако судијата Ентони Кели утврди дека визата која му била доделена неосновано му беше укината по неговото пристигнување во Австралија.
Судијата Кели кој го водеше овој процес ја оцени одлуката за укинување на визата „неразумна“ и нареди Ѓоковиќ веднаш да биде ослободен. Судијата утврдил дека Ѓоковиќ, можел да се консултира со својот тим и да ги достави сите потребни докази на граничната полиција по пристигнувањето во Мелбурн. Адвокатот Кристофер Тран, кој ја застапуваше Владата на Австралија, најави дека постои можност министерот Алекс Хок да му ја одземе визата на првиот тенисер во светот. Тоа значи дека кога ќе се укине првичната одлука, Хок би можел повторно да му ја одземе визата на Ѓоковиќ. Судијата Кели истакна дека во тој случај Новак Ѓоковиќ нема да може да се врати во Австралија во следните три години, но и дека може да поднесе жалба.
Визата на Ѓоковиќ беше укината по неговото пристигнување во Австралија, бидејќи федералните власти сметаа дека претходната инфекција со коронавирус не била доволна основа за медицинско изземање.

