Голманот на белгиската репрезентација и Реал Мадрид Тибо Куртоа нема да игра на Евро 2024. Играчот сака целосно да се опорави од скинати вкрстени лигаменти на коленото.
„Ќе го пропуштам ЕП 2024 поради повреда. Прво треба да се опоравам 100%, и подобро е да не поставувам никакви датуми. Ако имам среќа, можеби ќе можам да одиграм еден натпревар во мај. Но, и во овој случај не можете 100% да се подготвите за ваков голем турнир“, напиша Куртоа на социјалните мрежи.
Да напоменеме дека во август годинава на Тибо Куртоа му беше дијагностицирана пукнатина на предните вкрстени лигаменти на левото колено. Сега белгискиот репрезентативец го продолжува процесот на опоравување.
Да потсетиме, Европското првенство ќе се одржи од 14 јуни до 14 јули 2024 година. Десет германски градови ќе бидат домаќини на натпреварите на турнирот: Берлин, Келн, Дортмунд, Дизелдорф, Франкфурт, Гелзенкирхен, Хамбург, Лајпциг, Минхен и Штутгарт.

