Голманот на Реал Мадрид, Тибо Куртоа беше воодушевен од успехот од 5:2 над Ливерпул во првата пресметка на двата тима во осминафиналето на Лигата на шампионите. Шпанците губеа со два гола разлика на „Енфилд“, а за вториот гол најмногу виновен беше Куртоа. Сепак, тој рече дека неговиот тим уште еднаш докажал дека никогаш не се предаваат.
„Видете, со вториот гол на Ливерпул немав среќа и ги измешав работите. Ја контролирав топката и сакав веднаш да подавам, но видов дека Салах застана и се предомислив. Се обидов да ја префрлам топката на десната нога, но таа се одби од моето колено“, ја објасни ситуацијата Куртоа.
„Голот на Винисиус го врати ветерот во нашиот грб, а потоа Алисон направи грешка како мојата. А знаете дека сме силни во контранападите. Никогаш не се предаваме и секогаш реагираме. Двата брзи гола ни помогнаа. Бевме мирни и кога постигнавме брзина во играта и тоа беше добро. Првпат играв на „Енфилд“ во Лигата на шампионите. Кога навивачите на овој стадион ги бодреа Лука Модриќ и Карим Бензема, тоа покажа дека луѓето овде ги ценат одличните играчи што ги гледаат“. додаде Белгиецот.