Селекторот на Бразил, Тите, вчера го објави списокот од 26 играчи на кои ќе смета за Светското првенство во Катар од 20 ноември до 18 декември.
Меѓу неговите избраници се најде и 39-годишниот десен бек Дани Алвеш. Дефанзивецот, кој игра за мексиканскиот УНАМ Пумас, е едно од големите изненадувања во тимот, но очигледно Тите процени дека со неговите 125 натпревари за „кариоките“, неговото искуство ќе биде непроценливо. Поранешниот играч на Барселона дебитираше на Светското првенство во 2010 година во Јужна Африка, а играше и на Светското првенство во Бразил во 2014 година, додека поради повреда го пропушти Светското првенство во Русија пред четири години.
Напаѓачот на Ливерпул, Роберто Фирмино, кој до неодамна беше дел од стартната постава на Бразилците, не се најде во тимот за Катар, како и неговиот колега во нападот Габриел Барбоса, кој пред само неколку дена го предводеше Фламенго до вториот трофеј во Копа Либертадорес во последните три години. Нападот на „кариоките“, сепак, ќе биде импресивен затоа што Тите во Катар ги води Нејмар, Винисиус, Ентони, Габриел Мартинели, Габриел Жесус, Рафиња и Родриго.
Голмани: Алисон (Ливерпул), Едерсон (Манчестер Сити), Вавертон (Палмеирас).
Одбрана: Бремер (Јувентус), Едер Милитао (Реал Мадрид), Маркињос (Пари Сен Жермен), Тиаго Силва (Челзи), Алекс Сандро (Јувентус), Алекс Телес (Севиља), Дани Алвеш (УНАМ Пумас), Данило (Јувентус).
Среден ред: Бруно Гимараеш (Њукасл), Касемиро (Манчестер Јунајтед), Евертон Рибеиро (Фламенго), Фред (Манчестер Јунајтед), Лукас Пакета (Вест Хем), Фабињо (Ливерпул).
Напаѓачи: Ентони (Манчестер Јунајтед), Габриел Жесус (Арсенал), Габриел Мартинели (Арсенал), Нејмар (Пари Сен Жермен), Педро (Фламенго), Рафиња (Барселона), Ришарлисон (Тотенхем), Родриго (Лидс), Винисиус (Реал Мадрид).