Кризата која го тресе нашиот фудбалски гигант Вардар и неопходноста од брзо решение, ги активираа и поранешни функционери и легенди на клубот во обидите за спас на најтрофејниот македонски клуб. Поранешниот генерален менаџер на Вардар, Драган Томовски, кој беше и првиот македонски фудбалски работник на висока позиција во европски клуб како советник на бордот на директори на холандски Херенвен, е директно вклучен во обидите за изнаоѓање решение за спас на најтрофејниот македонски клуб.
Во интервју за порталот „Екипа“, Томовски зборуваше за состојбата во Вардар и за обидите за изнаоѓање спас за клубот.
„Фактичката состојба во Вардар е дека единствен сопственик е Сергеј Самсоненко, што повлекува и заслуги за успесите, но и одговорност за состојбите. Самсоненко со договор за купопродажба на акции стана сопственик на 100% од акциите. Како во овој договор постојат и други клаузули една од основните е дека градот може, но не мора да го врати клубот доколку неговиот сопственик не ги исполнува обврските. А, и да сака да го врати, ФК Вардар мора да се врати така како што е купен – без останати обврски“ – вели Томовски во разговорот за Екипа.
„Но, во моментов клубот должи, според извори од клубот, нето околу 2,4 милиона евра. По Нова Година, без оглед на се, заедно со навивачите ‘чукнавме’ на сите врати за кои мислевме дека можат да помогнат во ситуацијата. По последниот состанок со градоначалникот на Скопје обезбедена е ситуација во која во наредниот период од најмногу еден месец Вардар ќе може да смета на вкупен износ од околу 330.000 евра што вклучува и отпис на долг од 60.000 евра. Овој износ е предвиден и доволен да му овозможи на клубот одвивање на редовните активности до крај на шампионатот, а за некои клубови во лигата ова е и годишен буџет. Ова посебно и поради јавно изнесеното ветување од клубот дека Самсоненко ќе ги плати сите долгови направени до 31. јануари. Но, ова истовремено, треба да е само привремено решение и купување време за трајно решение за ФК Вардар“ – истакнува Томовски.

