Тотенхем е уште еден клуб што се вклучува во борбата за играчот од средниот ред на Барселона, Иван Ракитиќ, пренесува „Дејли меил“.
Конкуренцијата за Хрватот е доста сериозна, затоа што за него интерес има кај Атлетико Мадрид, Севиља, Јувентус и Наполи. Пред неколку дена, Ракитиќ, кој има договор со Каталонците до летото 2021 година, призна дека е разочаран од раководството на клубот, кој го третира како „вреќа компири“. Хрватот мислеше на фактот што Барселона го користи неколку пати како дел од своите понуди за други играчи.
Ракитиќ (32) не е единствениот играч од средниот ред во Барселона кој го гледа Жозе Мурињо. Португалецот сака да го привлече и Артур. Каталонците, од своја страна, имаат интерес за Танги Ндомбеле од Тотенхем и за возврат веќе им ги понудија Самуел Умтити и Нелсон Семедо. Сето ова значи дека може да се очекува размена на играчи меѓу двата клуба.