Оваа година по 46. пат Струга ќе биде домаќин на Ракометниот турнир со најголема традиција во Македонија. Од 15 до 19 август осум екипи кои ќе бидат поделени во две групи ќе се подготвуваат за стартот на новата сезона.
Организатор на турнирот традиционално е РК Струга, а покровители се Агенцијата за млади и Спорт и Ракометната федерација на Македонија.
„Нашата заложба е да го задржиме нивото на турнирот кој има 46-годишна историја. Лани учествуваа шест екипи, годинава имаме осум. Им благодарам на РФМ и Агенцијата за млади и спорт кои ја увидоа нашата работа и го поддржаа турнирот“, изјави претседателот на организацискиот одбор, наумче Мојсовски.
Во рамките на струшкиот турнир годинава за прв пат ќе одржи и македонскиот Супер Куп на кој ќе играат Вардар и Металург. Натпреварот од Супер Купот е закажан за 18 август.