Легендарниот италијански голман Џанлуиџи Буфон ќе му го отстапи првотимскиот статус на голот на ПСЖ на францускиот репрезентативен голман Алфонсо Ареола. Ова го најави тренерот на ПСЖ, Томас Тухел, во интервју за француските медиуми.
„Одлуката не ми е конечна, но одиме кон тоа Ареола да биде наш голман број 1. Алфонсо потекнува од школата на ПСЖ и сака да настапува за својот клуб, затоа што изминатите години беше на позајмици во Ленс, Бастија и Виљареал. ПСЖ треба да се гордее со такви играчи кои ја носат идејата за клубот во срцето” рече Тухел.
Во првите две кола од Лига 1 Буфон започна како стартер, но потоа против Анжерс и Ним неговото место го зазеде Ареола. Буфон стана дел од ПСЖ ова лето по напуштањето на Јувентус каде играше од 2001 година кога дојде од Парма.