Удинезе експресно го назначи Паоло Занети за нов шеф на стручниот штаб, само неколку часа по отказот на досегашниот тренер Коста Руњаиќ.
43-годишниот италијански стратег потпиша договор со клубот до 30 јуни 2027 година. Занети беше без ангажман од февруари, кога доби отказ во Верона.
Новиот тренер го презема Удинезе во сериозна резултатска криза. Тимот има само пет бода по десет одиграни кола и е без победа на последните осум натпревари. Тешкиот домашен пораз од Рома со 2:5 беше последниот удар за Руњаиќ.
Занети веднаш го очекува важен предизвик, бидејќи во петок Удинезе гостува кај Венеција, во директна битка за опстанок.
Токму со Венеција, Занети го направи најголемиот тренерски успех, изборувајќи пласман во Серија А во сезоната 2020/21, по пауза од 19 години. Потоа ги предводеше Емполи и Верона, со која минатата сезона заврши на 14. место во италијанскиот шампионат.

