Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) ги обврза украинскиот Шахтјор (Донецк) и италијанскиот Лацио да затворат дел од нивните стадиони на натпреварите од Евро куповите следната сезона поради расистичко однесување на навивачите.
Казната на Шахтјор е поради плакатот што го поставија нивните навивачи со екстремно десничарска политичка порака за време на натпреварот од Лигата на Европа против Ајнтрахт (Франкфурт).
Навивачите на Лацио исто така покажаа нацистички пароли на стадионот „Рамон Санчез Писхуан“ за време на нивната посета на Севиља во февруари. Римскиот клуб има вакви проблеми поради големиот број навивачи со екстремно десничарски политички ставови.
УЕФА испрати детални инструкции до двата клуба за тоа колку и кои сектори треба да се затворат. Шахтјор ќе ја затвори трибината на која бил поставен дискриминаторскиот расистички плакат. Исто така на оваа трибина на стадионот во Харков треба да се стави знаме „EqualGame” и логото на УЕФА. За користење на пиротехника, клубот од Донецк беше казнет со 10.000 евра. Таа средба заврши 2:2, а Германците победија во реваншот со 4:1.
Шахтјор во моментов води со 7 поени предност во украинскиот шампионат и како што изгледа ќе игра директно во Лигата на шампионите.
Лацио е на 6 место во италијанската Серија „А“ и може да влезе во Лигата на Европа, а УЕФА го казни овој клуб и со дополнителни 20.000 евра.