Европската фудбалс федерација (УЕФА) го потврди она што изминативе денови се пишуваше и најавуваше, односно дека ќе се играат Ф8-турнири во Лигата на шампионите и Лигата на Европа со цел во краток период да биде завршена сезоната.
Пандемијата со коронавирусот направи вистински хаос со термините за одигрување на натпреварите, па затоа УЕФА мораше да прави промени. Нема да има четвртфинале, туку ќе се игра турнир меѓу осумте најдобри екипи. Натпреварите Јувентус – Лион (0:1), Барселона – Наполи (1:1), Баерн Минхен – Челзи (3:0) и Манчестер Сити – Реал Мадрид (2:1) се дуелите кои ќе се доиграат поради тоа што се осминафинали пресметки и веќе тимовите имаат одиграно една средба, па ќе следи реванш натпревар.
Натпреварите од Ф8-турнирот ќе бидат на програмата од 12 до 15 август, полуфиналињата ќе бидат на 18 и 19 август, додека финалето ќе се закаже на 23 август.
Слично ќе биде и со Лигата на Европа, каде Ф8-турнир ќе се игра во четири германски градови: Дуизбург, Гелзенкирхен, Дизелдорф и Келн. Финалето ќе се одигра на 21 август во Келн.
Суперкупот на УЕФА е планиран да се игра на 24 септември во Будимпешта.