УЕФА денес официјално потврди дека стадионот „Вембли“ во Лондон по една деценија од своето последно финале на Лигата на шампионите, повторно ќе биде домаќин на најважниот европски клупски натпревар.
Најголемиот стадион во британската престолница ќе биде местото каде што ќе заврши клупската сезона 2022/23 со натпреварот за европската титула.
Финалето оваа сезона во Лигата на шампионите ќе се игра на стадионот „Кемал Ататурк“ во Истанбул, следната година домаќин на финалето ќе биде Санкт Петерсбург и „Петровски Стадиум“, а во 2022 година „Алијанц Арена“ во Минхен. На стадионот „Вембли“ во 2013 година Баерн Минхен ја совлада Борусија Дортмунд, а во 2011 година, Барселона беше поуспешна од Манчестер Јунајтед со 3:1.
Ова се двата финални натпревари одиграни на новиот стадион, додека стариот „Вембли“ повеќе пати беше место на кое се играа финални натпревари од најпрестижното европско клупско натпреварување (1963, 1968, 1971, 1978 и 1992 година).