Европската куќа на фудбалот –УЕФА во специјално видео ја претстави нашата репрезентација која преку Лигата на нации обезбеди историски пласман на Европското првенство во текот на летото.
УЕФА на официјалната интернет страна наведе дека нашиот капитен, Горан Пандев (Џенова) и Енис Барди од Леванте, се двајцата клучни во селекцијата предводена од Игор Ангеловски. Во материјалот се потенцира дека токму Ангеловски има најдолг стаж на кормилото на А тимот и дека погодокот на Пандев во финалето во баражот против Грузија е еден од најзначајните во нашата фудбалска историја.
УЕФА, потсетува и на нашиот премиерен квалификациски меч за Европското првенство во далечната 1994 и во тој правец го потенцира и голот на Митко Стојковски на средбата со Данска одиграна во Скопје. Во материјалот е нагласен и Артим Шаќири за голот од корнер против Англија во Саутемптон како и најголемата победа против Лихтенштајн на гости од 11:1.