Извршниот одбор на УЕФА денеска одржа состанок преку видео конференциска врска на кој е донесена одлука околу европските натпреварувања.
Одлучено е, доколку сезоната не се заврши во националните првенства, местата за настап во европските купови следната сезона ќе се определуваат според остварените резултати до моментот на прекин на лигите.
Согласно актуелниот пласман на табелата клубовите ќе одат во европските натпреварувања следната сезона, a не според коефециентот на УЕФА како што беше најавено изминативе неколку денови.
Од ФФМ сеуште немаат донесено одлука кога би продолжил шампионатот, но доколку сезоната не заврши во Првата македонска фудбалска лига, Македонија во Лигата на шампионите ќе ја претставува Вардар додека во Лига Европа ќе играат Силекс и Шкендија.
УЕФА сепак очекува сезоната да се заврши во поголемиот дел од европските лиги. Па од таму и препораката до националните федерации, да организираат лигите да завршат до 3. август.