УЕФА објави дека може да иницира нови истраги за прекршувањето на финансискиот фер-плеј. Изјавата доаѓа откако беа објавени низа документи преку Football Leaks кои се поврзани со Манчестер Сити и ПСЖ.
Финансискиот фер-плеј беше воведен со идеја да се постигне рамнотежа во финансиските дела на клубовите, да се ограничат загубите и обврските, како ги да не се дозволува да се трошат повеќе пари од оние кои клубовите ги заработуваат. Друга цел е да се ограничат огромните инвестиции преку спонзорски договори од сопственици на компании поврзани со нив.
„Пред седум години европските клубови имаа вкупно 1.7 милијарди евра обврски. Минатата година тие беа во добивка од 600 милиони евра. Несомнено, тоа беше успех за фудбалот во Европа“ , се наведува во соопштението од УЕФА.
Пред две недели, „Шпигел“ објави голема истрага заснована на откриени документи во кои се вели дека поранешниот претседател на УЕФА, Мишел Платини и поранешниот генерален секретар на организацијата Џани Инфантино, кој веќе е претседател на ФИФА, учествувале активно во прикривањето на финансиски неправилности во Манчестер Сити и ПСЖ.
