Европската куќа на фудбалот (УЕФА) и официјално потврди дека претстојното Европско првенство ќе се игра со присуство на публика.
Во овој момент осум градови домаќини потврдиле дека ќе ги отворат вратите за фудбалските навивачи. Некои ќе дозволат стадионот да биде исполнет до 25%, а има и такви каде што трибините ќе бидат исполнети 100%.
Санкт Петербург потврди 50%, со можност за зголемување на капацитетот до крајот на април, додека Будимпешта има за цел да биде домаќин пред полни трибини, под услов гледачите да ги исполнуваат строгите услови за влез на стадионот. Она што најмногу не интересира се букурешт и Амстердам каде што ќе игра Македонија. Амстердам, Букурешт, како и Копенхаген и Глазгов најавија капацитет од 25% до 33%, при што Амстердам, Букурешт и Копенхаген ја задржаа можноста за потенцијално зголемување на бројот.
До овој момент само Рим, Минхен, Билбао и Даблин немаат донесено конечна одлука, но ќе мора да се изјаснат до 19 април.
Во моментов ситуацијата во Букурешт е таква што се најавува дека они кои што ќе имаат билети за натпреварите ќе бидат ослободени од карантин, но ќе треба да презентираат негативен ковид-тест, а во градот ќе може да престојуваат само три дена.
Влезниците за ЕУРО 2020 веќе се во продажба, но бидејќи Македонија на овој собир се пласира преку плеј-офот во Лигата на нации, билетите за натпреварите на нашата селекција ќе може да се резервираат од почетокот на месец мај.