Извршниот комитет на УЕФА донесе одлука со која ќе започне користењето на ВАР технологијата и во Лига Европа, откако минатата сезона се користеше само во финалниот натпревар во Баку.
Европската фудбалска централа најави дека ќе го имплементира ВАР системот од почетокот на нокаут фазата, што значи дека најважните натпревари во завршницата од ова натпреварување ќе бидат покриени со судии во ВАР соба. Според календарот за натпреварување и распоредот на средбите, од 20 февруари 2020 година ВАР технологијата ќе биде составен дел од секој натпревар од Лига Европа.
Сите извештаи од користењето на ВАР системот минатата сезона добија позитивни оценки и ќе биде потребно само да се унапредува. Финалниот натпревар од Лига Европа оваа сезона ќе се игра на стадионот „Драгао“ во Порто, а актуелен освојувач е Челзи.