Натпреварот од Лигата на нации меѓу Швајцарија и Украина е под знак прашалник поради големиот број играчи кај гостите се заразени со коронавирус. Тренерот Андриј Шевченко призна дека се чекаат резултатите од повторените тестови, по што ќе стане јасно дали ќе има натпревар утревечер во Луцерн.
„Ја разбирам ситуацијата во која се наоѓаме. Повикавме три нови момчиња во националниот тим. Со сигурност знаеме дека се здрави, затоа што ги поминаа тестовите наутро. Екипата се подготвува за натпреварот. Очекуваме повторно тестирање. Ако имаме доволно играчи да го одиграме натпреварот, ќе излеземе и ќе играме. Ќе ги добиеме резултатите од тестот и ќе подготвиме група на расположиви играчи за натпреварот. Доколку е потребно, повторно ќе ги направиме тестовите. Ние ги следиме правилата“, изјавил Шевченко.
Поради позитивните тестови, први од украинскиот тим отпаднаа Андриј Јармоленко, Виктор Циганков, Виктор Коваленко и Сергеј Сидорчук. Вчера голманот Дмитриј Ризник и дефанзивците Едуард Собол и Евгениј Макаренко беа ослободени од истата причина.

