Голманот на Баерн (Минхен), Свен Улрајх, им се извини на соиграчите и на навивачите поради големата грешка што ја направи при вториот гол за Реал Мадрид на вчерашниот реванш на „Сантијаго Бернабе“ во полуфиналето во Лигата на шампионите.
Во 46-тата минута при резултат 1:1, поранешниот голман на Штутгарт не беше сигурен што да направи со повратната топка од Толисо и дозволи напаѓачот на домаќините, Карим Бензема да погоди во празниот гол. На крајот Реал се пласираше во финалето со вкупен резултат 4: 3 а токму грешката на Улрих значително влијаеше на конечниот резултат.
„Зборовите не можат да опишат колку сум разочаран. Ние сакавме да се квалификуваме за финалето и го дадовме најдоброто од нас, но, јас направив непотребна грешка која не можам да си ја објаснам. Им се извинувам на сите во тимот и на навивачите “, напиша Улрајх на неговата страна на „Instagram“.