Македонските фудбалски легенди ќе одиграат ревијален меч утре (13 часот) попладне со ветераните на поранешниот европски и светски шампион Црвена Звезда од Белград на помошниот терен на Работнички, како дел од одбележувањето на 13 ноември, денот на ослободувањето на Скопје.
Организатор на мечот е поранешниот градоначалник на Скопје, Трифун Костовски, кој во минатото беше сопственик на женскиот ракометен европски првак Кометал Ѓорче Петров и на фудбалските клубови Вардар и Работнички.
Вечерва во Скопје пристигнаа ветераните од генерацијата 1979/80 на белградскиот гигант , а со нив ќе биде и една од најголемите легенди на црвено-белите Драган Џаиќ, потоа имиња како Владимир Петровиќ – Пижон, Милош Шестиќ, Душан Савиќ и многу други.
„Организирав ревијален меч на ветераните на Ц. Звезда и на град Скопје. Фудбалот е игра со која растевме и се уште живееме и се надевам дека ќе биде пренесена на идните генерации. Ветераните на Звезда се многу активни, сакаат да го актуализираат фудбалот како забава за луѓето. Доаѓаат најзучните имиња, кои многу значат фудбалски за целиот регион. Жал ми е што актуелниот градоначалник на Скопје не е со нас, се обидовме да стапиме во контакт, зошто ова е ден на град Скопје. Објективно овој настан заслужува внимание, пред се зошто на теренот ќе бидат Панчев, Најдоски, Караси, Џаиќ, Савиќ, Шестиќ, кои се личности кои оставиле длабоки траги во фудбалот регионот. Сакам да ги поканам љубителите на фудбалот да дадат поддршка, а пораката е едноставна и јасна – да се дружиме, да бидеме пријатели и да го промовираме фудбалот“, изјави Трифун Костовски.
За тимот на фудбалски ветерани од Скопје ќе играат Дарко Панчев, Илија Најдоски, Митко Стојкоски, Тони Мицевски, Драги Канатларовски, Пепи Георгиевски, Томче Трајановски, а натпреварот ќе го суди Гоце Попев.
„Најголемиот дел од организацијата е на господинот Костовски. Тој нѐ извести дека сака ваков ревијален меч и ние му помогнавме, јас и уште неколку мои колеги, за да ги пречекаме ветераните, кои значеле многу на овие простори. Многу играчи од нив нас ни биле идоли. Ова ќе биде дружење, забава, драго ми е што вакви фудбалски имиња ќе ни бидат гости“, истакна Дарко Панчев.