Фудбалската федерација на Македонија ги подготви и денеска пред претставниците на координативниот кризен штаб за спречување на ширење на „CoVid-19“ ги презентираше сите услови од здравствениот протокол за враќање на фудбалските екипи на тренинзите и натпреварите.
Координативниот кризен штаб за здравствена заштита пред неколку дена побара од ФФМ да подготви здравствен протокол а федерацијата веќе го достави до надлежните институции и до клубовите. Истиот утре (22. мај) од 12:30 часот ќе биде детално презентиран и од страна на епидемиологот д-р Жарко Караџоски од Институтот за јавно здравје.
ФФМ заедно со клубовите треба да донесе конечен став околу натпреварувачката сезона 2019/2020 во Прва МФЛ а еден од главните услови е да се подготват и насочат клубовите за враќање во вообичаениот тренинг и ритам за натпревари со точно утврдени мерки за заштита на здравјето на фудбалерите и сите други фудбалски работници.