Оваа сабота по 36. пат ќе се одржи популарната спортска манифестација, Охридски пливачки маратон. И годинава во силна конкуренција со преку 20 пријавени маратонци, организаторите од Националната пливачка федерација и градот Охрид очекуваат успешно издание и добра посетеност на патеката од Св. Наум до градското пристаниште.
„Охридскиот маратон ќе стартува околу 12 часот. Досега имаме пријава од околу 20 пливачи кои ќе учествуваат. Со навремено почнување на организацијата на маратонот, дојдовме во фаза кога сме сигурни дека настанот ќе биде добро организиран. Охридскиот маратон влегува во календарот на спортови во вода кој што го организира локалната самоуправа на градот Охрид. Имаме квалитетни пливачи оваа година, а Националната пливачка федерација ќе организира сериозен настан со свеченост пред платото на стариот хотел Палас“, вели претседателот на НПФ, Горан Стојановски.
Наградниот фонд на 36. Охридски пливачки маратон изнесува 12.000 евра. Македонија годинава ќе има бројна делегација пливачи кои се пријавени на трката.
„Ја одржуваме традицијата на далечинско пливање и навистина се радуваме што оваа година имаме голем број на домашни пливачи кои ќе настапат на Охридскиот маратон. Тука се Леонид Мишевски, Евгениј Поп Ацев, Кристијан Стојановски, Александар Илиевски, а после долги години имаме и пливачки кои се пријавени за настап, тоа се сестрите Ивана и Јована Неделковски. Имаме амбициозна програма и треба да се прикажеме како добри домаќини“, вели Васил Велков од НПФ.
Комплетните разговоре со Горан Стојановски и Васил Велков можете да ги слушнете и денеска во програмата на Спортското радио 90.3 фм.