Играчот за врска на Ливерпул, Жоржоњо Вајналдум ги демантираше информациите дека потпишал прелиминарен договор со Барселона. Холанѓанецот беше категоричен дека се уште не одлучил каде ќе ја продолжи кариерата.
„Медиумите секогаш дискутираат за такви работи, вклучително и за мојата иднина. Нема новини. Јас не сум возбуден од сите тие натписи”, рече Вајналдум на вчерашната прес-конференција.
Играчот за врска одби да одговори на други прашања на оваа тема и истакна дека целото негово внимание е насочено кон претстојните натпревари на Холандија против Турција, Летонија и Гибралтар.
Оваа сезона, 30-годишниот фудбалер има вкупно 40 натпревари за Ливерпул во сите натпреварувања и 3 погодоци. Неговиот договор истекува на лето и засега нема индиции дека ќе биде продолжен. Се очекува тој да се пресели во Барселона како слободен агент.

