По поразот на Реал Мадрид на „Сантијаго Бернабеу“ од Виљареал со 2:3, уругвајскиот играч за врска на „кралскиот клуб“ Федерико Валверде го нападнал гостинскиот фудбалер Алекс Баена.
Уругваецот луто реагирал на наводните погрдни зборови кои Баена ги кажал за неговото неродено дете. Конфронтацијата се случила на паркингот пред клупскиот автобус каде Валверде го чекал Баена и му рекол да го повтори тоа што го кажал на теренот.
Пресметката меѓу Валверде и Баена датира од средината на јануари, кога во натпреварот од Копа дел Реј во кој Реал победи со 3:2, Баена му рекол на Валверде „плачи затоа што твоето дете нема да се роди“, алудирајќи на изјавата на неговата сопруга Мина Бонино, која тогаш преку социјалните мрежи објави дека веруваат дека го изгубиле детето, но дополнителните тестови покажаа дека се е во ред со бременоста.
Според информациите, Виљареал стапил во контакт со шпанската полиција, а Баена ќе одлучи дали ќе поднесе пријава против Валверде.