Тренерот на Барселона Ернесто Валверде беше презадоволен по убедливата победа со 3:0 над Реал во Мадрид во реваншот од полуфиналето на Купот на Шпанија.
По оние 1:1 од првиот натпревар, Барселона се пласираше во финалето со вкупен резултат 4:1 и шеста година по ред ќе се бори за трофејот.
„Во првото полувреме не игравме добро, но по паузата покажавме многу добра игра. Резултатот од 0:0 не ни одговараше и почнавме да дејствуваме офанзиво. Знаеме за што е способен Реал. Луис Суарез е напаѓач со неверојатна статистика во Барселона. Лео Меси не само што погодува, туку и креира шанси за тимот. Успеавме да ја оствариме целта досега, но ние имаме цел да освоиме се што можеме и оваа сезона“, вели Валверде.
Барселона за противник во финалето на кралскиот куп го очекува подобриот од реваншот меѓу Бетис и Валенсија кој се игра денеска.