Капитенот на Холандија Вирџил ван Дајк ја потенцираше заканата што Лионел Меси ја претставува за неговата репрезентацијата пред четвртфиналниот дуел во петок на Светското првенство во Катар.
Во последната средба меѓу двајцата на клупско ниво, Ван Дајк беше победник. Холандскиот дефанзивец тогаш го нарече Меси најдобриот играч против кој играл кога тој и неговите соиграчи од Ливерпул надминаа негатива од три гола против Барселона и го исфрлија шпанскиот гигант од полуфиналето на Лигата на шампионите во 2019 година.
Сега дефанзивецот уште еднаш упати убави зборови до славниот аргентински фудбалер.
„Чест е да се игра против него“, рече Ван Дајк за Лионел Меси на прес-конференцијата пред четвртфиналето на Светското првенство во 2022 година.
„Но, не се работи за мене против него или за Холандија против него, туку за Холандија против Аргентина. Никој не може да победи сам, а ние ќе излеземе со добар план на натпреварот“, прокоментира Ван Дајк.