Капитенот на Холандија, Вирџил ван Дaјк беше многу незадоволен од фактот што го доби првиот црвен картон во националниот дрес на вчерашната средба во Унгарија. Дефанзивецот на Ливерпул заработи два жолти картони во период од три минути, од кои првиот му беше покажан откако Ван Дајк отиде да разговара со главниот судија Лукас Фандрих за да го изрази своето незадоволство поради прекршокот над Мален со кој беше прекинат контранападот на „лалињата“.
„Овој црвен картон е непријатен. Тоа не требаше да се случи. Сепак, лут сум поради првиот жолт картон. Се вели дека капитенот е единствениот кој може да разговара со судијата. Му пријдов, но не на агресивен начин. Бев многу учтив. Ако ни капитенот не може да каже ништо, тогаш станува многу тешко“, изјави Ван Дајк.

