Трансферната сага со поранешниот капитен на Интер, Икарди, продолжува со зголемен интензитет. По синоќешниот триумф од 4:0 на Интер над Лече во Серија А од првото коло, генералниот директор на клубот, Џузепе Марота ја критикуваше сопругата и агентот на напаѓачот Ванда Нара.
Таа рече дека аргентинскиот голгетер одбил фантастични понуди затоа што сака да продолжи да го носи дресот на Интер.
„Нејзините зборови не вознемирија многу. Нашиот план е јасен и Икарди ја знае нашата позиција. Ние продолжуваме да ги следиме нашите идеи и нема да ги менуваме”, рече Марота. Името на Икарди е поврзано со еден куп клубови, вклучувајќи ги Монако, Наполи и италијанскиот гигант Јувентус. Според „Gazzetta dello Sport“, „бјанконерите“ ќе продолжат со преговорите за да го привлечат. Договорот може да биде завршен до 2 септември, кога ќе се затвори трансфер периодот. За ова од Јувентус ќе мора да продадат еден од нивните напаѓачи, Гонзало Игуаин, Марио Манџукиќ или Пауло Дибала.
Потсетуваме дека Конте го отстрани Икарди пред почетокот на летниот тренинг камп и рече дека нема да се потпира на него. Бројот 9 беше предаден на Ромелу Лукаку кој дојде од Манчестер Јунајтед. Икарди игра на „Џизепе Меаца“ од 2013 година кога го донесоа од Сампдорија.
Минатата сезона тој постигна 17 голови и пет асистенции на 37 натпревари во сите натпреварувања. Неговиот договор со Интер е до 30 јуни 2021 година.