Од Вардар никако не престануваат со изненадувања во пресред на значајни натпревари за клубот.
Денес од вицешампионот изненадувачки дојде информација дека донеле одлука за разрешување на досегашниот шеф на стручниот штаб, Бобан Бабунски. Младиот стручњак нема повеќе да ја води екипата, откако ги мина подготовките и беше на клупата на Вардар на првиот меч против Пјуник, кој го загубија со 1:0.
Бабунски дојде на тренерското место во април оваа година на местото на Чеде Јаневски и немаше забележителни резултати, но се очекуваше дека во новата сезона ќе го покаже својот квалитет со оваа нова екипа на Вардар. Претходно Бабунски беше дел од клупската академија на Вардар.
Екипата против Пјуник ќе ја предводи досегашниот асистент Александар Васоски, со истиот стручен штаб како до сега. По завршување на натпреварот во четврток, фудбалскиот клуб Вардар ќе донесе одлука кој ќе ја предводи екипата во иднина. Оваа одлука е изненадувачка, ако се знае дека клубот го очекува значаен натпревар во четврток од 19.00 часот Вардар ќе се обиде да го елиминира Пјуник и да го продолжи своето европско лето.