Најтрофејниот македонски фудбалски клуб и вистински македонски спортски бренд Вардар, се враќа во прволигашкото друштво. Денеска во бараж мечот за влез во елитата одигран во Кавадарци, „црвено-црните“ со огромна поддршка од трибините славеа со високи 3:0 над екипата на Скопје и успеаја да го потврдат своето место меѓу прволигашите следната сезона.

Походот на елитата, Вардар го почна многу рано. Уште по 4 минути со првиот гол на Размоски, „црвено-црните“ поведоа со 1:0. По неколку пропуштени шанси, овој резултат се покажа и како конечен во првиот дел во кој Скопје остана со играч помалку, откако Тодоров доби директен црвен картон од судијата Ставрев, затоа што врати еден факел фрлен на теренот кон трибините со вардарови навивачи.

На стартот на вториот дел Размоски повторно во елемент. Напаѓачот на Вардар во 50 минута погоди за 2:0 и најави дека Вардар е многу блиску до елитата. Потврдата стигна само 9 минути подоцна, кога Глишиќ од слободен удар и по третпат ја тресе мрежата на Скопје за конечни 3:0.

Вардар следната сезона се враќа во елитата, каде место од Втората лига обезбедија и Гостивар и Воска Спорт.