Денеска на официјална прес-конференција ФК Вардар ги објави новитетите кои деновиве донесоа промени на тренерската и директорската позиција во клубот. Пред новинарите беше претставен новиот тренер Александар Васоски, како и новиот спортски директор Ѓоко Хаџиевски.
Еден од првите луѓе на навивачката група „Комити“ која го презема управувањето на клубот, Милорад Миленковски, изјави дека се завршени сите процедури околу комплетното преземање на клубот.
„Завршени се сите процедури и Комити се 100% сопственици на ФК Вардар. Тоа не значи дека ние како Комити имаме амбиции да го водиме клубот или да бидеме сопственици. Ние бараме решение на ФК Вардар. Институционално да се реши проблемот на Вардар. Тоа да не биде решение времено, туку трајно. Бараме Вардар да биде ставен во статутот на Град Скопје и на општините. Секако ова е апел и до големите компании кои ќе сакаат да инвестираат во клубот кои би биле дел од еден проширен управен одбор, кој би функционирал нормално“, потенцираше Миленковски.
Новиот тренер Александар Васоски кој веќе го водеше тимот на мечот со Силекс изјави дека му е огромна чест и задоволство што се враќа во Вардар.
„Се враќам во клубот што ми дал многу. Моја морална одговорност е тоа да го направам. Преку Вардар заминав во Германија. Ја освоив последната титула. Немаме време за засилувања, можеби еден до двајца играчи, но ќе се бориме до крај“, вели Васоски.
Новиот спортски директор, Ѓоко Хаџиевски, исто така потенцираше дека доаѓа на директорското место од љубов кон клубот со кој имаше извонредни резултати.
„Доаѓам во клубот од љубов. Ако можам по 35 години работен стаж на едно место, тоа би била клупата под јужната трибина. Тука е моето место. Благодарност до Александар Бајевски и Бобан Грнчаров затоа што издржале во тешките моменти, направиле многу за клубот во изминатиот период. Имаат големи заслуги. Мојата функција во моментов е волонтерска и немам договор. Чисто да знае јавноста околу мојот статус во моментов. Колку ќе можам ќе помогнам“, вели Хаџиевски.

