Во пресрет на дербито меѓу Вардар и Шкендија во новото 10. коло од Првата македонска фудбалска лига, денеска на прес-конференција тренерот и капитенот на Вардар ги искажаа своите очекувања од утрешната пресметка. Тренерот Александар Васоски смета дека „црвено-црните“ утре ги очекува многу тежок натпревар.
„Мечот со Шкендија е големо дерби во македонскиот фудбал, особено ако се присетиме пред 3-4 години кога и двата тима беа во битка за титулата. Сега е поинаку, Вардар е последен на табелата и играме против првопласираниот тим на табелата. Ќе биде тежок меч за нас. Меѓутоа, оваа сезона играме променливо, ако го земеме последниот натпревар со Брегалница каде освоивме еден бод, а можевме и три, тоа покажува дека трендот на екипата е во нагорна линија. И на овој натпревар ќе имаме што да покажеме и ќе настојуваме да победиме, затоа што тоа е стилот за Вардар на секој меч. Освен Николовски кој има жолти картони, сите други се на располагање. Очекувам од секој поединец максимална ангажираност и да се обидеме да победиме на овој тежок натпревар“, изјави Васоски.

