Александар Васоски повеќе не е тренер на Вардар. Она што пред неколку дена го најави денес го потврди досегашниот тренер на „црвено-црните“ кој по победата над Беласица во Струмица се прости од своите фудбалери, но и од навивачите и симпатизерите на најтрофејниот македонски клуб.
„Почитувани спортски пријатели, навивачи на Вардар, почитувана спортска јавност. Сакам во името на стручниот штаб да ви се заблагодарам за поддршката која му ја дававте на Вардар во овој тежок период за клубот. Почитувани вардарови фудбалери, вашите имиња треба да се впишат со златни букви во историјата на овој клуб, затоа што не дозволивте клубот да доживее црно сценарио. Што се однесува до мене, јас ветив дека до декември ќе останам, но немам веќе сили да се борам. Затоа од денеска официјално не сум тренер на Вардар. Благодарност до „Комитите“ и сите поддржувачи на Вардар и мој апел до надлежните да не се дозволи најсветото нешто во македонскиот фудбал да згасне“, стои во реакцијата на Васоски.
Александар Васоски беше најнапред помошник тренер, а потоа и главен тренер на Вардар, а под негово водство успеа да направи чудо – да ја освои шампионската титула со најмладиот тим во лигата.

