Двата милански гиганти Милан и Интер вечерва доаѓаат на „Сан Сиро“ во специјалното „Дерби дела Мадонина“, кое започнува во 21 часот.
Изданието број 236 во официјалните натпревари од вечниот дуел меѓу овие два клуба е првиот дел од пресметката на двата познати клуба во полуфиналето на Лигата на шампионите.
Додека возбудливата битка помеѓу Реал Мадрид и Манчестер Сити многумина ја опишаа како „финале пред финалето“, средбата помеѓу Милан и Интер е „полуфинале од соништата“ за навивачите на двата тима и голем дел од неутрални фудбалски фанови подеднакво. Двата гиганти од Милано досега двапати се сретнаа во ЛШ.
Во сезоната 2002/03, Милан се пласираше во финалето на турнирот по двете нерешени 0:0 и 1:1 со Интер, а решавачки беше нивниот гол на гостински терен. Тие потоа триумфираа, победувајќи го Јувентус на пенали по ремито без голови во регуларното време и продолженијата. Во сезоната 2004/05 двата милански гиганти повторно се сретнаа во Лигата на шампионите, но во четврт-финалето. Милан го елиминираше Интер, а подоцна се пласираше во финалето кое се играше во Истанбул, Милан се соочи со Ливерпул и покрај тоа што водеше со 3:0 на пауза, дозволи мечот да заврши нерешено 3:3, а загуби од Ливерпул во пенал серијата.
Ова е 13-то полуфинале за Милан во Купот на европските шампиони или Лигата на шампионите. Успехот на тимот во своите претходни полуфиналиња е дури десет пласмани во последната битка за трофејот. Што се однесува до Интер, тимот во целата историја на турнирот учествувал во финалето пет пати по вкупно осум одиграни полуфиналиња. Она што е заедничко за двата клуба е тоа што во секое од нивните последни полуфинални средби во ЛШ, тие последователно триумфираа на турнирот. За Милан тоа се случи во 2007 година, а за Интер во 2010 година.
Во тековната сезона двете екипи веќе одиграа три меѓусебни натпревари. Есента Милан ја доби средбата во Серија А со 3:2, додека во јануари Интер прво го освои Суперкупот на Италија со убедливи 3:0, а потоа повторно победи, но само 1:0 во првенствен натпревар.
Историски гледано, „нероаѕурите“ имаат 87 победи во сите натпреварувања во миланското дерби, 69 нерешени и 79 успеси за Росонерите.
Моменталната форма е исто така на страната на „нероаѕурите“, кои можат да се пофалат со пет победи во низа во сите натпреварувања, вклучително и над Јувентус, Лацио и Рома. Од друга страна, Росонерите последен пат беа поразени на 18 март од Удинезе, но оттогаш победија на четири од девет можни натпревари во различните натпреварувања. Во елиминациите од Лигата на шампионите, Милан ги елиминираше Тотенхем и Наполи, додека Интер се справи успешно со Порто и Бенфика.
Има малку, но важни сомнежи околу составите на двајцата тренери. Големиот знак прашалник пред тренерот на Милан, Стефано Пиоли, кој вчера одбележа точно 6 години од отказот како тренер на градскиот ривал, е поврзан со повредата на ѕвездата Рафаел Леао. Првата опција е Португалецот да стартува од почеток. Втората и повеќе можна опција, барем пред денешните прегледи на играчите, е десното крило Алексис Салемејкерс да биде преместено на левото крило како што беше и на последниот меч против Лацио. Оливие Жиру се очекува да го предводи нападот на тимот, Исмаел Бенасер ќе игра зад него како офанзивен плејмејкер, а искусниот Симон Кјаер ќе му асистира на Фикајо Томори во центарот на одбраната.
Двоумењето пред тренерот на Интер, Симоне Инзаги, исто така главно е поврзано со нападот и поточно кој треба да му биде партнер на голгетерот Лаутаро Мартинез. Се смета дека се претпочита ветеранот Един Џеко пред Ромелу Лукаку според формата. Во средниот ред, Хенрих Мхитарјан најверојатно ќе стартува на сметка на Марсело Брозовиќ, а триото во одбраната ќе остане исто од средбата со Рома: Матео Дармијан, Франческо Ачерби и Алесандро Бастони.
Реваншот е повторно на истиот стадион на 16 мај во 21:00 часот и евентуалниот победник од полуфиналето ќе се соочи со подобриот од пресметката меѓу Реал Мадрид или Манчестер Сити во финалето на Лигата на шампионите во Истанбул на 10 ти јуни.
Можни состави:
Милан: Мањан, Калабриа, Томори, Кјаер, Тео Ернандез, Тонали, Круниќ, Салемакерс, Бенасер, Брахим Диаз и Жиру
Интер: Онана, Дармиан, Ачерби, Бастони, Дамфрис, Барела; Чалханоглу, Мхитаријан, Димарко, мартинез и Лукаку
Судија: Манзано (Шпанија)
Стадион: „Сан Сиро“ – Милано