Тренерот на Јувентус, Маурицио Сари би можел да стане највозрасниот тренер што ја освоил Серија А доколку неговата екипа успее да го крене пехарот во Серија А оваа сезона.
Вечерва Јувентус ја пречекува Сампдорија во натпревар од 36-то коло на Серија А, а во случај на победа екипата предводена од Сари ќе ја освои својата 9-та последователна титула во Калчо лигата. Ова значи дека Маурицио Сари би освоил ѕитула во италијанскиот шампионат на 61 година и 6 месеци, што би било апсолутен рекорд за Серија А. Во текот на својата кариера, Сари има само еден голем трофеј, кога минатата сезона успеа да триумфира во Лигата на Европа со Челзи, а сега може да стигне до својата прва титула во италијанскиот шампионат.
Тековниот рекорд за најстар тренер кој бил шампион во Серија А го држи поранешниот тренер на Рома, Нилс Лидхолм, кој триумфираше со „Волчицата“ во 1983 година на 60 години и 7 месеци. Легендарниот српски тренер Вујадин Бошков успеа да ја доведе Сампдорија на врвот во 1991 година, кога имаше 60 години, па исто така најде место и на оваа ранг-листата.
На две кола пред крајот, Јувентус е на првото место со 4 бода предност во однос на второпласираниот Интер, кој веќе ја одигра својата 36-та средба и славеше против Џенова со 3:0.