Вечерва ќе се одиграат 7 натпревари од второто коло во групната фаза на Лигата на шампионите. Нема дилема дека со најголем интерес се чека дуелот помеѓу Баерн (Минхен) и Барселона. Двата тима се гиганти на Стариот континент имаат многу стари сметки за расчистување. Баварците во последните две години забележаа три последователни победи против Барселона со вкупен резултат 14:2, но сега Каталонците се амбициозни и подготвени за одмазда, а најопасно оружје им е до неодамна суперѕвездата на Баерн, Роберт Левандовски, кој ќе се врати на „Алијанц Арена“, но сега како противнички играч.
Во другиот натпревар од групата Ц, Интер гостува кај Викторија (Плзен) и нема простор за грешка доколку сака да не ги минимизира шансите за пласман во осминафиналето. „Нероаѕурите“ настапот во ЛШ го започнаа со пораз на домашен терен од Баерн Минхен, додека Викторија Плзен загуби со 5;1 од Барселона на „Камп Ноу“, но сигурно ќе се обидат да им покажат на своите навивачи дека нема да бидат екипа за поправање на гол разликата во оваа група.
Ливерпул има многу проблеми од почетокот на сезоната, вклучително и во Лигата на шампионите, каде доживеа тежок пораз со 1:4 од Наполи. На „Енфилд“ вечерва Ливерпул го пречекува Ајакс со амбиција да ги освои трите бода, но нивната задача нема да биде лесна со оглед на формата на противникот, кој е во серија од 7 последователни победи во сите натпреварувања, а во последните 5 постигнаа 15 гола и ниту еден примен.
Во оваа група натпреварот меѓу Ренџерс и Наполи е презакажан за утре.
Во групата Д, Спортинг (Лисабон) е домаќин на Тотенхем, а двата тима бараат втора победа. Португалците во првото коло го совладаа Ајнтрахт (Франкфурт) со 3:0, а Тотенхем со 2:0 славеа над Олимпик Марсеј. Францускиот гигант го пречекува Ајнтрахт на „Велодром“ и се надева дека ќе ги израдува своите навивачи со важни три бода во Лигата на шампионите.
Во групата Б се играат натпреварите Баер (Леверкузен) – Атлетико Мадрид и Порто – Бриж. Атлетико пред една недела дојде до драматична победа од 2:1 над Порто и денеска може да направи уште еден чекор кон осминафиналето. Порто, пак, ќе се обиде брзо да стигне до победа против Бриж, кој на стартот го победи Баер Леверкузен со 1:0.