Церемонијата за доделување на наградите „The Best“ (Најдобри) од ФИФА ќе се одржи вечерва. Настанот ќе се одржи во Доха и ќе започне во 18:00 часот. Церемонијата ќе се емитува во живо на официјалната веб-страница на ФИФА .
Еве ги играчите кои ќе се натпреваруваат за наградата за играч на годината во 2025 година: Усман Дембеле (ПСЖ и француската репрезентација), Ашраф Хакими (ПСЖ и Мароко), Хари Кејн (Баерн Минхен и Англија), Килијан Мбапе (Реал Мадрид и Франција), Нуно Мендеш (ПСЖ и Португалија), Кол Палмер (Челзи и Англија), Педри (Барселона и Шпанија), Рафиња (Барселона и Бразил), Мохамед Салах (Ливерпул и Египет), Витиња (ПСЖ и Португалија) и Ламин Јамал (Барселона и Шпанија).
Номинирани за наградата за најдобар тренер се Хавиер Агире (репрезентација на Мексико), Микел Артета (Арсенал), Луис Енрике (ПСЖ), Ханс-Дитер Флик (Барселона), Енцо Мареска (Челзи), Роберто Мартинез (репрезентација на Португалија) и Арне Слот (Ливерпул).
За титулата најдобар голман на годината ќе се натпреваруваат: Алисон (Ливерпул и Бразил), Тибо Куртоа (Реал Мадрид и Белгија), Џанлуиџи Донарума (ПСЖ/Манчестер Сити и Италија), Емилијано Мартинез (Астон Вила и Аргентина), Мануел Нојер (Баерн и Германија), Давид Раја (Арсенал и Шпанија), Јан Зомер (Интер и Швајцарија) и Војчех Шчесни (Барселона и Полска).
На церемонијата ќе бидат прогласени и најдобриот тим на годината, најдобриот гол, најдобрата фудбалерка, најдобриот тренер и голман во женскиот фудбал, тимот на годината во женскиот фудбал и стрелецот на најубавиот гол во женскиот фудбал. Победниците ќе бидат одредени со гласови од капитените и тренерите на националните репрезентации, навивачите и претставниците на медиумите, меѓу кои оваа година е Спортско радио 90,3 ФМ од Македонија .

