Чуварот на мрежата на Евертон, Мартин Стекеленбург, ги напушти „карамелите“ и потпиша за екипата на Ајакс, објавија денеска медиумите повикувајќи се на информацијата која дојде од прес-службата на холандскиот фудбалски клуб.
Договорот на 37-годишниот ветеран е за една сезона и ќе биде активен од 1 август па се до 30 јуни во наредната година. Стекеленбург кој се пресели во Евертон во 2016 година, во тековнава сезона нема одиграно ниту еден меч за англискиот состав.
Тој практично се врати во клубот во кој настапуваше од 2001 до 2011 година кога успеа да стане двократен национален шампион и трикратен победник на Купот на Холандија. Стекеленбург има одиграно 58 натпревари за репрезентацијата на „лалињата“.