Екипата на Виљареал вечерва од 21.00 часот пред својата публика го пречекува еден од фаворитите за освојување на Лигата на шампионите – Баерн (Минхен), во првиот натпревар од 1/4 финалето од ова натпреварување. Баварците се фаворити, но тешко дека ќе го напуштат стадионот „Де ла Керамика“ без да се испотат добро против ваков непредвидлив противник.
Во претходното коло малкумина мислеа дека Виљареал ќе го елиминира Јувентус, но тоа се случи. Двата тима веќе се сретнаа во Лигата на шампионите. Ова се случи пред повеќе од десет години во групната фаза, кога Баварците имаа две победи, 2:0 на гости и 3:1 дома. Сепак, помина многу време и тимот на Виљареал изгледа поконкурентен.
Виљареал не игра според планот во Ла Лига и сета сила ја фрла на европските натпревари. Тренерот Унаи Емери ќе се потпре на оптимален тим, а надвор од неговите сметки е само повредениот Алберто Морено. Баерн Минхен е сигурен во ова натпреварување, но си дозволува понекогаш и опуштање.
Ова се случи во првото 1/8 финале против РБ Салцбург, кое заврши 1:1. Во реваншот Баерн го демолираше противникот со 7:1. Тренерот Јулијан Нагелсман нема да може д асмета на повредениот Корентен Тлисо, како и на Ерик Максим Чупо-Мотинг, кој е во карантин.
Веројатни состави:
Виљареал: Рули, Фојт, Албиол, Торес, Педраза, Тригуерос, Капу, Парехо, Ло Селсо, Жерард Морено, Данјума.
Баерн (Минхен): Нојер, Ернандез, Упамекано, Зуле, Павар, Горецка, Кимих, Коман, Милер, Гнабри, Левандовски.
Стадион: „Де Ла Керамика“ – Виљареал
Судија: Ентони Тејлор (Англија)