Викендов ќе се одиграат натпреварите од второто коло во Првата македонска фудбалска лига. Денес ФФМ ги делегираше судиите кои ќе ја делат правдата на стадионте низ Македонија во следното второ коло.
Првиот натпревар ќе се игра утре (петок) во Кратово, каде Сеилекс ќе го пречека повратникот Пелистер, а правдата ќе ја дели Константин Влахо.
Во сабота од 17 часот на Националната Арена „Тодор Проески“ , Работнички го пречекува тимот на Беласица, а ќе суди Мајран Ецкоски. Сите останати мечеви се играат ден подоцна (недела) од 17:00 часот, натпреварот во Струмица меѓу Академија Пандев и Вардар ќе го суди Кирил Смоквоски. Дуелот на „Чаир“ меѓу Шкупи и Македонија ЃП му е доделен на Марјан Младеновски.
Во Велес се игра средбата меѓу Борец и Ренова, правдата ќе ја дели Марјан Стојановски, додека мечот меѓу Шкендија и Струга во Тетово ќе го суди Боби Величков.