Познати се деталите за избувнувањето на коронавирусот во Манчестер Сити, поради што беше одложен натпреварот од 15-то коло на англиската Премиер лига со Евертон.
Според одредени медиуми во Англија, резултатите од тестирањето спроведено на 27 декември покажале дека биле заразени уште тројца играчи, чии имиња не биле прецизирани. Така, вкупниот број на заразени во таборот на „граѓаните“ достигна седум лица, откако клубот претходно објави позитивни тестови за дефанзивецот Кајл Вокер и напаѓачот Габриел Жесус, како и за двајца вработени во стручниот штаб.
По зголемувањето на бројот на заразени во Манчестер Сити, натпреварите со Челзи и Манчестер Јунајтед се под знак прашање. Средбата со Челзи може да се одигра доколку фудбалерите на Манчестер Сити се вратат на тренинг до крајот на викендот. Меѓутоа, доколку се идентификуваат нови случаи на инфекција за време на тестирањето во наредните денови, натпреварот најверојатно ќе биде одложен, што ќе ја загрози и средбата со „црвените ѓаволи“.
Натпреварот од 17-то коло на шампионатот на Англија Челзи – Манчестер Сити според планот треба да се игра на 3 јануари во Лондон. Дербито со Манчестер Јунајтед во првиот натпревар од полуфиналето во Лига купот е закажано за 6 јануари.

