Раководството на Наполи планира да добие околу 200 милиони евра во наредните месеци од продажба на фудбалери и спонзорски договори, информира “Тутоспорт“.
Капитенот Марек Хамшик го напушта клубот и оди во Кина за сума меѓу 15 и 25 милиони евра, а исто така од таму има кандидати за Дрис Мертенс, а се споменува понуда од 25 милиони евра.
Роберто Инглезе пак е баран од Аталанта, каде се подготвени да избројот 18-20 милиони евра. Поранешниот тренер на Наполи Маурицио Сари фрлил око на крајниот дефанзивец Елсејд Хисај (35 милиони евра).
На „Сан Паоло” очекуваат да пристигне понудата од ПСЖ, од каде не ја кријат желбата да го привлечат Алан Маркес. Цената на бразилскиот играч од средниот ред е околу 100 милиони евра.
Во италијанскиот клуб имаат и гарантиран приход од 30 милиони евра од рекламниот договор со „Qatar Airways“, со што износот дури надминува 200 милиони евра. Сепак, поголемиот дел од нив ќе бидат инвестирани во нови засилувања за да биде тимот конкурентен за врвот во италијанскиот фудбал.