Точно на пладне во Нион се очекува извлекувањето на двојките за четврфиналето на најсилното клупско натпреварување на планетава, Лигата на шампионите на УЕФА. Во неа ќе го нема името на тимот кој доминираше во последниве три години, Реал (М), кој сензационално беше елиминиран од екипата на Ајакс.
Јувентус, пак, успеа да го елиминира и вториот шпански тим од Мадрид, Атлетико, со што ја остави престолнината на Шпанија, каде патем ќе се одигра и финалето од годинешното издание на ЛШ, без преставник.
Оваа сезона меѓу осумте најдобри има дури четири англиски тима. Манчестер Јунајтед, Манчестер Сити, Тотенхем и Ливерпул влегоа меѓу најдобрите во трката за да го вратат големиот пехар на Островот.
Барселона со Лео Меси ќе биде шпанскиот преставник во завршната рунда, а тука се и фудбалерите на Порто, кои според многумина, денеска се најпосакуван противник на ждрепката.
Според УЕФА денеска нема да има никакви ограничувања во ждрепката, освен што Манчестер Ј. и Манчестер Сити доколку не играат меѓусебе, нема да можат во иста вечер да ги играат своите мечеви, ако треба да играат дома. Денеска воедно ќе бидат извлечени и потенцијалните двојки за полуфиналето.