Шпанскиот министер за спорт, Ирене Лозано и претседателот на шпанската фудбалска лига, Хавиер Тебас, категорично ја отфрлија опцијата за враќање на гледачите на стадионите до крајот на сезоната.
„Безбедносните мерки бараат сезоната да заврши без публика. Фудбалот привлекува многу луѓе. Не е како во кино слаите. Дури и со намален капацитет, може да значи 30.000 луѓе на едно место. Фудбалот е различен од другите активности”, рече Лозано.
Ниту едно од водечките првенства во Европа не дозволува гледачи на стадионите, за разлика од Србија, Бугарија и Данска, каде навивачите се вратија на трибините.
„Во моментов, враќањето на публиката не е приоритет за „Ла Лига“. Голем проблем се навивачите надвор од стадионите кои се собираат за време на натпреварите. Не можеме да си дозволиме да ги олабавиме мерките бидејќи тоа може да доведе до втор бран на коронавирусот”, рече Хавиер Тебас.