Женската тениска асоцијација (ВТА) призна дека условите под кои се одржува завршниот турнир во сезоната во Канкун не се совршени.
Речиси сите осум тенисерки кои учествуваат во сингл конкуренцијата изразија јавно незадоволство од состојбата на теренот и целокупната организација на натпреварот.
„Разбирам дека не сте среќни што сте овде во Канкун. Можам да ве уверам дека вашето незадоволство се слушна. Разбираме дека ова не е совршено натпреварување, условите се предизвикувачки и ВТА мора да преземе одговорност за ова“, рече шефот на организацијата Стив Сајмон во писмо до тенисерките што го објавија медиумите.
Женската тениска асоцијација во последно време е под речиси постојани критики. Не е тајна дека финансиската состојба на женските турнири не е воопшто добра, што го става под знак прашалник независното постоење на здружението. Во исто време, голем број женски турнири минуваат со прилично мала посетеност, а Канкун не е исклучок.
Мексиканското одморалиште беше избрано за домаќин на финалето во последен можен момент, а теренот на кој се играат натпреварите беше завршен само ден пред почетокот на натпреварувањето. Лошите временски услови во последните денови дополнително ја влошија ситуацијата околу турнирот.